Изборен ден

Гласањето почнува во 7 часот наутро, кога се отвораат гласачките места и непрекинато трае до 19 часот, кога се затвораат гласачките места.
Изборите за затворениците и за внатрешно раселените лица се организираат еден ден пред денот определен за одржување на изборите.
Покрај тоа, гласачите кои не се во можност да одат на гласачкото место (болни и инвалидизирани лица), доколку сакаат да гласаат најдоцна три дена пред денот на одржување на изборите треба да ја известат ОИК, која што ќе им овозможи да гласаат дома или во болницата каде што се наоѓаат еден ден пред денот определен за оддржување на изборите.
Избирачите кои на денот на гласањето се на привремена работа или престој во странство гласаат во дипломатско конзуларните претставништва еден ден пред денот на одржувањето на изборите во РМ.
Во дипломатско – конзуларните претставништва, гласањето се одвива во истиот временски интервал од 7 до 19 часот, но се почитува сметањето на времето во соодветната земја.
Доаѓа изборниот ден и пристигнувате на…

…Гласачкото место
Tоа е просторија во која што се одвива гласањето. Во едно избирачко место (кое најчесто е училиште, месна заедница, училишен интернат) може да има повеќе гласачки места кои што се нумерирани.
Затоа бидете внимателни да не го згрешите бројот на вашето гласачко место.
За да бидете сигурни на кое гласачко место гласате, пред изборите отидете во подрачната единица на Државната изборна комисија во вашата општина и проверете.
Просторијата во која што се гласа мора да биде уредена така што гласачката кутија е поставена на видливо место, со гласачки паравани што обезбедуваат тајност на гласањето – така што никој не може да види за кого гласал гласачот и во просторијата не треба да има никакви партиски симболи,или пак симболи на независните кандидати.

Избирачки одбор (ИО)

Kако што веќе беше напоменато ИО е орган кој што е задолжен за спроведување на изборите на гласачкото место. ИО е составен од претседател, четворица членови и нивни заменици.

Претседателот на ИО и неговиот заменик, два члена и нивни заменици се избираат од редот на вработените во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје, по случаен избор за време од 4 години. Еден член на ИО и негов заменик се именуваат на предлог на политичките партии во опозицијата, кои на последните избори освоиле најмногу гласови, а еден член и негов заменик на предлог на политичка партија која е на власт.

Набљудувачи

Освен членовите на избирачкиот одбор, на гласачкото место може да забележите и набљудувачи.

Секој кандидат (политичка партија/коалиција или група на граѓани) има право да номинира свои набљудувачи на гласачкото место. Овие набљудувачи ги набљудуваат изборите за да ги заштитат интересите на кандидатот, но не смеат да се мешаат во работата на ИО.
Меѓутоа, изборите може да ги набљудуваат и домашни/ непартиски и странски набљудувачи.
Странските набљудувачи се дел од некоја меѓународна мисија како што е ОДИХР, набљудувачката мисија на ОБСЕ, потоа странските набљудувачи може да бидат претставници на влади и на меѓународни невладини организации.
Домашните непартиски набљудувачи, како на пример Граѓанската Асоцијација МОСТ, ги набљудуваат изборите за да осигураат транспарентност на изборниот процес.
Присуството на набљудувачите на гласачките места може да спречи или да помогне во откривање непочитување на изборните закони и изборен фалсификат.
Овластените домашни набљудувачи, доколку имаат забелешки на работата на избирачкиот одбор, имаат право да ги евидентираат во дневникот на избирачкото место.
Државната изборна комисија на сите набљудувачи им издава акредитации (овластувања) без кои тие не може да ги набљудуваат изборите.

Гласање

И конечно пристапуваш да гласаш …
• Влегуваш во гласачкото место и му пристапуваш на избирачкиот одбор за евиденција и регистрација. Гласачите пристапуваат еден по еден.
• ИО со ултра – виолетова ламба утврдува дали има знак од неизбришливото мастило на ноктот на твојот палец на десната рака.
• Ако немаш таков знак, значи дека не си гласал претходно.
• ИО пристапува кон твоја идентификација. Значи со себе мораш да понесеш важечка лична карта или патна исправа (пасош). Потоа ИО утврдува дали е регистрирано твоето име во избирачкиот список.
• Откако ќе го најдат твоето име во ИС, ИО го заокружува редниот број, а твоја задача е да се потпишеш во ИС.
• ИО ти издава гласачко ливче кое се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, при што ИО става печат на предната страна на ливчето. Секој гласач добива само по едно гласачко ливче.
• Потоа, твојот палец на десната рака ќе го обележат со невидливото мастило.
• ИО ќе ти даде инструкции за тоа како се гласа, но не смее да ти каже за кого да гласаш.
• Одиш зад гласачкиот параван, каде што не смее да има други лица за да се зачува тајноста на гласањето.
• На гласачкото ливче обележуваш само еден реден број или кандидат.
• Гласачкото ливче го превиткуваш и го ставаш во гласачката кутија.
• Редот и мирот во гласачкото место го обезбедуваат ИО и полицијата.

Гласање на неписмени, слепи и физички инвалидизирани лица
Во овој случај има исклучок од горенаведената процедура за гласање.
Овие гласачи може да побараат помош од некое друго лице кое што тие ќе го изберат. Тоа лице може да бидеш токму ти, при што ќе го заокружиш кандидатот за кој се определило лицето што бара помош.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Кликни и провери се