Проектот ПРВ ПАТ ГЛАСАМ е проект на Граѓанска Асоцијација МОСТ и е дел од програмата Едукација и вклучување на граѓаните во демократските процеси во земјата.
Целта на проектот е подигнување на свеста и едукација на идните гласачи за нивните права и обврски, како гласачи, изборните процеси, како и значењето на активните граѓани.
Целна група на проектот се идните гласачи, граѓаните на Р Македонија кои наполниле 18 години и кои треба прв пат да гласаат.
Проектот содржи неколку сегменти:
• Работилници
Интерактивни работилници се спроведуваат во секој клас од четврта година, во средните училишта низ земјава. Едукацијата ја спроведуваат обучени тренери. Работилницата, вообичаено, трае 1 школски час и се одржува на часот по социологија или граѓанско образование или на класниот час.
Темите на разговор за време на работилница се: избирачко право, избирачки список, изборна администрација, изборна кампања, набљудувачи, значењето на изборите, како и улогата на граѓаните во целиот изборен процес како важен фактор во намалувањето и спречувањето на изборните нерегуларности.
Работилниците се дизајнирани така што го нагласуваат значењето на активните и одговорни граѓани за развојот на демократијата во нашата држава.
• Прирачник „Прв Пат Гласам“ и Лексикон на основни термини за избори, кои се дистрибуираат на секој ученик кој присуствувал на работилницата.
Содржината на двете брошури дава подетални информации за прашањата што се дискутираат за време на работилницата.
• Интернет страна
Интернет страната, како еден сегмент од проектот, е изработена со цел на идните гласачи да може им даде одговор на прашањата поврзани со изборните процеси во земјава.
Покрај тоа, интернет страната содржи и информации за одржаните работилници во средните училишта, како и информации за тековни случувања поврзани со изборните процеси во земјава.
